Најава Регистрирај се
Регистрација
Полињата обележани со (*) се задолжителни.
Име: *
Корисничко име: *
Е-пошта: *
Лозинка: *
Потврди ја лозинката: *
Tobacco
Насловна arrow Tема и интервју arrow Останав доследен на изборното ветување

Останав доследен на изборното ветување

(0 гласови)
10.10.2008.
trifun-kostovski.jpgИнтервју: Трифун Костовски, градоначалник на Град Скопје

Г-дин Трифун Костовски дојде на позицијата скопски градоначалник како реномиран и докажан стопанственик и неполитичка личност. Затоа и очекувањата од неговата работа се големи. При крајот на овој негов мандат, сè почести се јавно искажаните мислења дека очекувањата не се оствариле. Со првиот човек на главниот град разговараме за тоа дали навистина е така и кои се причините за таквото мнение
(Јас сум успешен градоначалник)

Разговарал: Серјожа НЕДЕЛКОСКИ
Фотографии: Андон ДАВЧЕВ


Форум: Господине Костовски, наскоро завршува вашиот четиригодишен градоначалнички мандат. Кои резултати би ги потенцирале за овие четири години?
Трифун Костовски: Со мирна совест можам да речам дека направив многу за Градот Скопје во изминатите три години. Можеби е нескромно да се каже, но сметам дека ова е успешен градоначалнички мандат. Успешен, пред сè, поради фактот што го презедов во услови на “елементарна непогода”: без утврдена развојна програма, со огромен долг, со јавни претпријатија во агонија, со замрени културни институции. Истовремено, функцијата ја презедов во моментот на започнување на процесот на децентрализација и имплементирање на, според  мене, лошите закони за Град Скопје и локалната самоуправа. Исто така, во услови на политичка клима во која доминацијата на партискиот интерес елементарно го загрозува развојот на вистинска локална самоуправа.
На оваа функција дојдов со сериозно животно, деловно и општествено искуство. Идеја-водилка на сите мои животни проекти и успеси беа и остануваат принципите на аналитичност, доследност и етичност. Токму поради тоа се обидов и управувањето со Град Скопје да го поставам на тие темели. Иако Градот е законски утврден како збирштина на општини со измешани рурални и урбани средини и иако неговиот буџет е симболичен, започнав и остварив многу проекти.
Прво, останав доследен на изборното ветување дека како партиски независен градоначалник ќе обезбедам дефинирање на значењето на главниот град како законско и системско прашање. Предлогот за измените во Законот за локална самоуправа и Законот за Град Скопје се финализираат и ќе се достават до Владата на Република Македонија. Во меѓувреме, за жал, наместо во клима на добра политичка волја и реформски дух, процесот на децентрализација е замрен и свртен во спротивна насока. Моите чисти политички ставови за тие системски прашања станаа причина за моја политичка дисквалификација и, би рекол, понижување на местото и позицијата на главниот град. Сепак, се надевам дека во духот на евроинтеграциите, Владата, па и воопшто политичките субјекти во земјава, сериозно ќе се позанимаваат со предлогот за измена на законите. Ме загрижува само фактот што оваа тема може повторно да се измести и изманипулира во месециве пред локалните избори.
Второ, останав доследен на легалистичкиот принцип во управувањето со Градот и во утврдувањето на приоритетите на Скопје. Затоа, секогаш бев енергично против обидите со популистички приод да се кршат законите. Тука, пред сè, мислам на Генералниот урбанистички план и проблемите врзани за Малиот и Големиот ринг. Тоа значи, воедно бев и против сè пораширените “стандарди на разубавување” на градот кои влегоа во просторот на кичот и невкусот што водат до натамошна ерозија на урбаниот лик на Скопје.
Трето, создавањето вредности во градот е мојата приоритетна цел. Не само што го санирав долгот и воспоставив ред и домаќинско работење, туку и го зголемив имотот на Градот. Само за илустрација ќе го споменам скандалот со ГТЦ. Во моментот кога дојдов на позицијата градоначалник, овој објект веќе беше компензиран со срамотни 0,5 % од вредноста на акциите (400.000 тогашни германски марки) на овој објект. Јас не само што не отуѓував, туку и создавав нов имот, пред сè мислам на новоформираните јавни претпријатија за Енергетика и Градски паркинг.

trifun-kostovski1.jpgДојдовте на функцијата со поддршка на тогашната опозициска ВМРО-ДПМНЕ. Забележливо е што откако оваа партија дојде на власт, работата како да “пукна”. Во што ја гледате причината за тоа?
Дојдов на функцијата како независен кандидат со поддршка  на широката коалиција “За  Македонија”, што ја предводеше ВМРО-ДПМНЕ, но и поддршка на петнаесетина други политички партии и здруженија. Истовремено мојата кандидатура значеше и поддршка на листите за советници и градоначалници на таа коалиција. Значи, поддршката и резултатите беа заемни.
Таа поддршка, пак, дојде како резултат на претходната исклучителна активност на Граѓанското движење, чиј основач бев јас, а во врска со носењето на законите за територијална организација и локална самоуправа и референдумот што го организиравме во врска со тоа. Значи, поддршката и соработката беа јасно политички профилирани.
Денес, пет години потоа, стојам на истите политички ставови за овие многу чувствителни системски прашања. А, Владата? Всушност, и позицијата и опозицијата денес, како и таа во 2005 г., се со исти ставови. Затоа имаме фактички процес на рецентрализација, упади во надлежностите на локалната самоуправа, блокади на општинските совети, партизација на  локалните администрации. Значи, не станува збор за тоа дали и каде “пукна”, туку за сериозно и длабоко политичко разидување.

Вашата работа постојано е критикувана. Многу проекти останаа само во најава, некои се започнати и недовршени. Се добива впечатокот како да не се снајдовте најдобро на челната позиција во Градот. 
Ако критиката е аргументирана, ја сметам за доблест и за потреба. Но, кога станува збор за чисти партиско-политички оркестрирани акции и хајки, на тоа гледам со големо жалење.
За што добив најголеми критики и кога бев мета на такви медиски хајки? Најпрвин, на самиот почеток кога се судрив со обидот партиски да се издоминираат јавните претпријатија во Градот. Потоа, во врска со обидот за дискфалификација на Генералниот урбанистички план за Скопје. Да го споменам и моето инсистирање за формирање и работа на Координативното тело на градоначалниците на општините во Скопје, што од првиот ден до денес се минира од чисто партиски причини. Реакциите во сферата на даноците, управувањето со земјиштето, инвестициите во ЈСП, активностите за средување на со децении несредената инфраструктура во Градот и сл., секогаш резултираа со кампања за  “неуспешен градоначалник”.
За жал, во општата политичка клима во земјата мојата позиција, како независен градоначалник, доби улога на “колатерална штета”! Јас останав доследен на ветувањата од изборната програма. За тоа говорат следните резултати: во рекорден рок ги завршивме наследените проекти од минатиот градоначалник, како Транспортниот центар, спојувањето на булеварите Циборовски - Гологанов. Голем дел од и онака скромниот буџет во првите две години беше наменет за спортската сала Борис Трајковски, која ја предадовме на Владата во фаза на изградена карабина. Во исто време, започнавме неколку наши проекти, како што е булеварот Словенија, кој е прв булевар изграден во Скопје по 17 години. Во моментов при крај се работите на Клучката кај хотел Континентал, проширувањето на булеварот Гоце Делчев, како и изградбата на детелинката кај Бит-пазар. Тоа е една целина со што влезот на Скопје од кај Петровец добива сосема нов лик и функција. Проширување на неколку постоечки булевари, како што е булеварот Србија, улица Бутелска... Промена на азбестно-цементни цевки во водоводната мрежа. Проектот “Инџиково” во кој подоцна се приклучи и Владата со дополнителни средства, проекти за заживување на Матка, промена на осветлувањето на главните и магистрални улици, осовременување на светлосната сигнализација, целосна реконструкција на Зоолошката градина...
Морам да истакнам дека проектот “Трамвај”, за којшто многумина мислеа дека е фикција или маркетиншки трик, по многу опструкции го доведовме во фаза на избор на понудувач за изработка на основен проект за изградба на првата фаза, или поедноставно кажано, најдоцна до почетокот на новата година ќе се започне со изградбата на депо за 46 возила и трамвајската линија број еден со должина од 10 километри. Проект кој исто така е многу значаен и е веќе започнат е проширувањето на булеварот Илинденска. Би сакал, исто така, да истакнам дека за сите започнати проекти ќе оставиме средства за нивно завршување, за да следниот градоначалник не се најде во ситуација каква што јас затекнав, со долг од 12 милиони евра и скриен долг во тужби од 4 милиони евра.  
Натаму, во овој мандат го основавме Јавното претпријатие Градски паркинг кое на почетокот имаше само три паркинг-простора, а сега раководи со 16 паркинзи. Сега го формиравме и АД Енергетика за гасификација на Град Скопје, кое објективно треба да започне со инвестиции во 2009 г., а да се финализира во 2012 г. Со ова претпријатие треба да решиме проблем кој во нашата земја фактички доцни три децении. Започнавме и остваривме сложена програма за санирање и стабилизирање на јавните претпријатија во градот, по извршените стручни анализи и надзори. Најранливо од сите нив е ЈСП. Кон решавањето на неговите проблеми никогаш не можеше вистински да се пријде и поради мешањето на централната власт, што се претвори во “сапунска опера” за набавка на 102 автобуса. Притоа, никогаш не се постави основното прашање за начинот на финансирање на ова претпријатие. Мене посебно ме загрижуваше и фактот што се предизвикуваше несигурност и недоверба меѓу вработените во ова претпријатие кои се најмалку виновни за проблемите. Денес виновниците се на високи политички позиции во нашето општество. Поради сложеноста на овој проблем, ние годинава за прв пат ги воведовме субвенциите од 2,5 милиони евра, што догодина ќе бидат зголемени.
И покрај сите проблеми во односите со општините, не постои општина во која не реализиравме заеднички инфраструктурен проект. Не помалку труд и средства употребивме во културата, каде манифестации како Белата ноќ, Ликовната колонија, Звуците на Чаршијата, Скопско лето и многу други станаа препознатлив белег за културниот живот во Скопје. Буџетот го зголемивме за 7 пати и, според мене, тоа се почувствува во културното пулсирање на Скопје. Практично од летаргија и бесперспективност ги заживеавме сите културни институции, што се препознаваат само при нивното споменување: КИЦ, МКЦ, Зоолошка градина, Музеј на Град Скопје...
Градот Скопје во овој период вложи огромен труд со преземањето на надлежностите во сферата на образованието и даноците. Со децентрализацијата преземавме 21 средно училиште, и покрај тоа што дотациите не беа доволни за покривање на трошоците, ние не дозволивме наставниот кадар ниту еднаш да остане без плата или други потребни средства за нормално функционирање.
Во поглед на даноците, секторот за финансии направи огромен напор за ажурирање на листата на даночни обврзници преземена од страна на УЈП и секојдневно се прават напори за проширување не само на бројот на правни и физички лица, туку и за зголемување на процентот на наплата на данокот на имот и данок на промет на недвижности.
Затоа, како и на почетокот, тврдам дека одлично се снајдов на првата позиција во Градот и дека со овој мандат се воведоа нови стандарди за идните избори на градоначалник.
Особено сакам да ја истакнам широката и плодна соработка на Градот на меѓународен план исклучиво насочена кон соработка не само во соседството и регионот, туку и пошироко. Таа соработка навистина би ја нарекол соработка на создавање пријателство и афирмација на Република Македонија.

trifun-kostovski.2jpg.jpgСлучувањата околу Кермес предизвикаа реакции на граѓани и здруженија. Неговата изградба стои во место. Зошто?
Случајот “Кермес” е политички фабрикуван случај. Одговорот на прашањето за тоа зошто изградбата  стои во место, и мене и Вам и на пошироката  јавност ì го должат ресорните министерства на Владата на РМ. 
Да беа точни тврдењата поради кои се создаде “случај”, досега ќе имаше легална завршница. Инвеститорот Гофи трпи огромни финансиски штети. “Случајот” стои во место и се користи како “копче” за манипулација со јавноста за да се наштети на мојот политички и морален интегритет. Што е најстрашно, сегашната слика на Кермес е уште еден еклатантен пример и грда слика на политичко самоволие.

Не забележуваме никаков капитален објект во Скопје по овие четири години. Улиците сè уште се со дупки, сообраќајот е нерешен итн.
Одговорот сепак зависи од “забележувањето”! Веројатно нема ништо направено, ако под “ништо” се подразбира сè она што претходно го наброив. Без никаква лажна скромност можам да кажам дека вакви капитални инвестиции не беа направени во претходните три мандата.
Капиталните објекти, пак, во смисла на згради и зданија, “изгубивме” право да ги направиме поради потребата од инфлација на споменични обележја во општинските ингеренции во Градот и потребата Владата да преземе изградба на сали, градска куќа, црква, музеи. Понекогаш се прашувам дали Владата е со намера да биде запаметена како главен архитект на Градот Скопје!?

Каков, според вас, е ефектот од спроведувањето на Законот за децентрализација? Колку и какви проблеми лоциравте при неговата имплементација?
Веќе реков, процесот е запоставен и свртен во спротивна насока. Летното стампедо од закони во Републичкото собрание донесе 50-ина закони со кои фактички се започна рецентрализацијата. Ние лоцираме големи проблеми во овој процес, како во фискалната децентрализација, така и во елементарната поставеност на Градот Скопје. Денес тоа е, ќе повторам по којзнае кој пат, една  лимбо позиција меѓу општините и Владата. Градот го има и го нема, и сечиј е и нечиј, во зависност од потребата. Затоа бараме менување на законите.

Честопати, а и реален впечаток е дека Градот Скопје не може да функционира на овој начин, со толку многу локални самоуправи и градоначалници. Зошто не побаравте политичка поддршка за спроведување на вашата иницијатива за измени на Законот за локална самоуправа и исклучување на дел од општините од градските граници?

Веќе две и пол години бараме таква поддршка. Досега останавме без вистински одговор. Инаку, вашиот впечаток е сосема точен! Вака како што сега се поставени работите, Градот е распнат меѓу општините и централната власт. Згора на тоа, служи како монета за поткусурување и во односите позиција - опозиција, според Латинската поговорка “раздели па владеј”.
Сепак, искрено се надевам дека ќе превладее политичкиот разум во врска со предлогот за измена на законите. Во спротивно, проблемите ќе растат и ќе се продлабочуваат.

Во колкава мера општините го чувствуваат влијанието од централната власт и дали е хендикеп политичкото разединување со неа?

Проблемот не е во “разединувањето” или едноумието! Проблемот е во фактот и потребата локалната самоуправа да се остварува во својата оригиналност и уставна загарантираност како управување со локалните потреби и интереси на граѓаните. Таа е затоа засебна и автохтона власт и без неа не е возможно да се создава демократска општествена структура. Или, можно е, како што сега имаме обиди таа да се деградира и развластува, а можеби и да се напушти со модел на класичен централизам. Мене, сепак, најмногу ме загрижува отсуството на вистински политички дијалог за овие теми, ослободен од партиски, верски или етнички товари. Но, знаете, во моментот таков ни е општиот политички амбиент: наместо политичкиот дијалог да се одвива во духот на Гоцевото разбирање на “светот како поле за културен натпревар”, ние сме учесници или посматрачи на нетолерантна кавга во политичкиот ринг. Инаку, “придобивката” или “хендикепот” зависи исклучиво од партиската определеност на градоначалниците. Тоа не е само главниот критериум за нивно лично вреднување, туку и виза за развојот и стандардот на локалните единици!

Зошто се откажавте од европскиот ракометен шампион Ѓорче Петров? Од друга страна, пак, влеговте во Вардар. Дали финансиски е поисплатлив овој “трансфер” на Кометал од ракометот во фудбалот?
Јас речиси две децении сум спонзор и поддржувач на македонскиот спорт. На последниве чекори се одлучив од објективни и од лични причини, на што имам сосема легитимно право. Ми здодеа да “изигрувам” најзагрижен за развој на одделни спортови, во услови кога државата не само што не создаде вистински услови за развој на спортот, туку ниту за поддршка на систем на светски практикуваните модели за даночно олеснување. Никогаш, па ниту во овој случај, не сум се занимавал со “профитен трансфер” на спонзорството. Но, сега навистина не сакам да се сведам на ниво на кулоарски озборувања и “ѕиркање во џебот” за оваа тема.
Последно ажурирање ( 11.02.2009. )
 
< Претходно
  ФОРУМ 179

      naslovna179.jpg
 
ДОСИЕ

            Атентат Глигоров
         kiro-gligorov.jpg

                Хелихоптерска несреќа АРМ
              helihopter.jpg

 
 
Skovin
Vreme
24fudbal
Sportko Radio
Bubamara
Vozi